Александар Удиловиќ, познат како радиотерапевт за душа, со својот длабок, искрен и смирен глас и реалните интерпретации на најдлабоките човечки болки и страдања, привлече илјадници луѓе на Балканот да бидат негови верни слушатели и заедно да ги споделат своите тешки животни приказни. За себе ќе рече дека е, всушност, многу ведар човек и оптимист, но животот му удрил силни шлаканици преку кои ја искусил длабоката човечка болка. Во младоста бил познат и како кошаркар, играл за клубовите „Црвена ѕвезда“ и за „Партизан“ од Белград, а во 1991 година, кога требало да потпише договор за првиот тим на „Партизан“, се одлучил да замине во војска и така ја завршил својата кошаркарска кариера.