Младите сакаат повеќе практично учење за проверка на информации, подобро разбирање на начинот на кој функционираат социјалните мрежи и алгоритмите, како и повеќе можности нивните искуства од дигиталната средина директно да бидат слушнати од институциите. Ова се дел од пораките од денешната дебата во Собранието „Што гледаш, кому веруваш? Младите, информациите и дезинформациските кампањи“, на која средношколци од седум училишта од Скопје, Липково, Велес и Прилеп разговараа со пратениците за тоа како младите се информираат, кому му веруваат и со какви предизвици се соочуваат во современата дигитална средина.