На минатото рочиште, Обвинителството презентираше обемна документација поврзана со основањето на заедничкото друштво со странски партнер, владини одлуки, како и финансиски трансакции поврзани со набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ). Во судницата беа изведени и Програмата за работа на АД „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело и мислење изготвено од овластен проценувач за вредноста и исплатливоста на вложувањето во видеолотариски терминали, како и информација доставена до Генералниот секретаријат на Владата за потребата од самостојно приредување електронски игри на среќа со анализа на пазарот. Обвинителството се осврна и на доказите што произлегуваат од 158-та владина седница одржана на 6 јуни 2023 година – предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците, владините заклучоци и одлуката за одобрување на работењето на Управниот одбор на лотаријата, како и мислењето од Министерството за финансии. Како материјални докази беа приложени и девизни налози, банкарски изводи од Халк банка, аналитички картички за економските оператори „Еврогамес технолоџи“, „Синот“ и „Шпедиција МКД“, како и десетици формулари за реализација на фактури, сметки и испратници за набавените апарати.