Жената, мајката и ќерката треба најбезбедно да се чувствуваат во својот дом, а институциите се должни да направат сè што е во нивна можност за нивна заштита, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за телевизија Сител, најавувајќи дека во Собранието е поднесено ново законско решение за семејно насилство, со кое, меѓу другото, се предвидува и можност за употреба на електронски алки за следење на насилниците. Тошковски посочи дека повеќе од пет до шест месеци интензивно се работело на подготовката на законското решение, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади, невладини организации, експерти, професори, обвинители и судии. Верувајте ми, ова законско решение нема да ја реши состојбата со семејното насилство, но гарантирам дека ќе даде подобри резултати од оние што ги имаме сега – рече Тошковски.