Актерот Волтер Кениг, најпознат по улогата на Павел Чеков во оригиналната серија „Ѕвездени патеки“ ( Star Trek ), почина на 91-годишна возраст. Тој починал од природна смрт во неделата, во својот дом во Северен Холивуд, што го потврди и неговиот портпарол. Во моментот на неговата смрт, покрај него биле неговата ќерка Даниел и неговата внука, пренесува heute.at . Кениг ја започнал својата кариера во раните 1960-ти години со помали телевизиски улоги, но токму портретирањето на рускиот навигатор Павел Чеков во „Ѕвездени патеки“ му донесе слава.