Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изминатите денови престојуваше во работна посета на Флорида, Соединетите Американски Држави, каде што учествуваше на годишната конференција на Меѓународната асоцијација на полициски шефови (IACP) во Орландо, еден од најголемите светски собири на полициски професионалци, посветен на иднината на полициското работење и справувањето со современите безбедносни предизвици, информира МВР. Во рамки на конференцијата, министерот Тошковски оствари повеќе значајни средби, меѓу кои и со Николас Колура, директор на Дипломатската служба за безбедност при Стејт департментот на САД, како и со Рик Смит, основач и главен извршен директор на компанијата Axon, која развива современи технолошки решенија во областа на јавната безбедност. На средбата со Смит беа разгледани можностите Македонија да стане регионален демонстрациски центар за технологиите на Axon, каде што преку практична примена на современи решенија, вклучително и вештачката интелигенција, би се презентирале нови модели на полициско работење пред институциите од регионот.